Мини кафе палачинки

Мини кафе палачинки

mini-kafe-palacinki-2

Рецепт и фотографии: sezahrana.mk

Меки и сочни, со неодолива арома која суптилно потсетува на кафе. Ако зборуваме за елеганција на храна, нивниот вкус и изглед потполно се вклопуваат во тоа! Овие мини кафе палачинки ги подготвивме во нашата кујна со посебно голема љубов.
Презадоволни од она што видовме и пробавме, со големо задоволство ви препорачуваме да ги пробате и вие дома. Интересни се и несекојдневни за нашите простори, а рецептот е потполно нов и испробан директно од нас. Ако добро ги следите чекорите, ве уверуваме дека и вие ќе можете да уживате во нив, без да се плашите дека можеби нема да ги направите совршени. Добро е што може да ги направите во големина по желба, а препорачана форма и големина од нас е кружна со дијаметар од околу 8-10 см. Потребно ви е само тавче за палачинки и вкусната забава може да започне!

Состојки:

  • 2 чаши брашно
  • ½ чаша шеќер
  • 2 лажички прашок за печиво
  • прстофат сол
  • 1 чаша топло млеко
  • 1 чаша Браво кафе, сварено без шеќер и изладено
  • 2 јајца
  • 2 лажици иситнет путер
  • 1 лажичка екстракт од ванила.

Чашата е со количина од 240 мл.

Подготовка:

  1. Во поголем сад за месење ставете ги сувите состојки, односно брашното, шеќерот, прашокот за печиво и солта, па измешајте ги со помош на лажица.
  2. Во одделен сад ставете ги и со малку матење измешајте ги млекото, кафето, јајцата, путерот и ванилата.
  3. Течните состојки додајте ги во садот со сувите состојки. Трудете се тоа да е рамномерно и со постојано мешање со жица за матење за да постигнете убава хомогеност на смесата.
  4. Кога смесата за мини кафе палачинките е готова, припремете го тавчето.
  5. Лесно намрсете го тавчето (тоа може да го направите најлесно така што ќе намрсите салфетка и со неа ќе го избришете тавчето). Кога тавчето добро се загреало земете 60 мл од смесата и турете ги во една „точка“ на добро загреаното тавче. Под дејство на топлината смесата самата ќе се рашири и ќе се оформи кружната форма со посакуваната големина со дијаметар од 10-тина сантиметри. За најлесно да измерите ако употребувате мерица од 80 мл, оставете околу 1 см од горниот дел да остане празен.
  6. Кога ќе се појават меурчиња на горната страна од палачинката, значи дека долната страна се испекла и е време да ја превртите од другата страна. Со помош на голема рамна кујнска лажица превртете ја од другата страна и оставете ја уште малку да се допечи. Препорачуваме температурата на печење на палачинките да не биде премногу силна, туку умерена за да избегнете да ви изгорат по површината.
  7. Постапката повторувајте ја додека се потроши смесата.
  8. На крај, изладените мини кафе палачинки послужете ги со парче путер, јаворов сируп, мед, мармалад или свежи овошје по желба.

mini-kafe-palacinki-22

Повикајте друштво, сварете си филџан Браво кафе и сервирајте си уникатно вкусно уживање. Тоа е тоа!