Брауни пита

Брауни пита

brownie-pie-8

Рецепт и фотографии: sitnoseckano.com

Тесто за пита

  • 2 шољи брашно (од кои 1 – 2 лажици пченкарно, а останатото сенаменско или мешано интегрално и сенаменско)
  • 1 лажица шеќер
  • 120 g путер, ладен, исечен на коцки
  • 2 – 3 лажици павлака
  • 2 – 3 лажици ладна вода (или колку е потребно)

Измешајте ги брашното и шеќерот, па додајте ги коцките путер и мешајте со прсти или со блендер за тесто додека не се направат зрнца. Додавајте ја павлаката и една по една лажица ладна вода и мешајте го тестото сé додека не успеете да ги споите зрнцата во топка тесто.

Тестото може да се направи и неколку дена однапред и да стои во фрижидер додека не ви притреба, или да се замрзне на подолго време. Засега оставете го во фрижидер, завиткано во кеса или поклопено во вангла, додека го правите филот.

Од овој фил излегуваат 6 – 8 мали пити (во тавчиња со пречник од 10 cm) или една голема со пречник од 25 cm.

brownie-pie-24

Фил

  • 140 g путер
  • 150 g темно чоколадо
  • 8 лажици какао во прав
  • 1 лажица инстант кафе
  • 4 јајца
  • 200 g шеќер
  • 2 лажици домашен сируп од ѓумбир
  • 3 лажици кисела павлака
  • ½ шоља ореви помешани со 1 лажица брашно

Стопете ги путерот и чоколадото, заедно со какаото и кафето, во сад врз вода која полека врие, или во микробранова, со често мешање.

Изматете ги јајцата со шеќерот со миксер, долго, додека не станат светли и кремасти. Додајте го сирупот од ѓумбир.

Кога чоколадото малку ќе се олади, додајте ја павлаката и убаво измешајте. Потоа спојте ги двете смеси и додајте ги оревите, крупно исецкани и помешани со малку брашно.

Развлечете го тестото со сукало, врз малку побрашнета површина, исечете го на кругови малку поголеми од дното на тавчињата и притиснете го на дното и страните од тавчињата. Распределете го филот во тестата и ставете ги да се печат во рерна загреана на 150°c околу 40 минути. Последните 5 минути јас ги преместив питите на најдолната полица и ја зголемив температурата на 175°c, за тестото да се испече убаво од долу. Оставете ги малку да се оладат пред да ги јадете.

brownie-pie-43